
Проблемот во помалата застапеност на жените е начинот на креирање политики, смета претседателката на УЖ на ВМРО – ДПМНЕ Штип, Христина Серафимовска. Со прашањево се засегнати повеќето земји, вели таа, само се разликува степенот до кој тоа е актуелно од земја во земја. Во Штип жените се најактуелни во текстилната индустрија.
„Фокус на нашата работа е унапредување на жената во општеството, конкретно во македонското општество. Ова е тема којашто е многу актуелна и постојано се прави нешто по тоа прашање. Она што можам да го кажам е дека во секторот образование се многу изразени жените и во приватниот сектор, конкретно во општина Штип, дефинитивно тоа е текстилниот сектор, каде што текстилните работнички се препознатлива категорија“, истакна Серафимовска.
Учеството на жените во бројките на високообразовани лица е значително голем, а тие се исто така вклучени и во политичките активности, заклучува Серафимовска. Меѓутоа, ако ја погледнеме раководната структура, само тоа колку жени се на градоначалничката функција покажува дека жените се недоволно застапени во општеството.
„Ќе се послужам со актуелна статистика. Во 2021 доктори на науки вкупно се 201, од коишто 115 се жени. Вкупниот број на магистри во 2021 е 1727, од коишто 1029 се жени. Интересен е бројот на дипломирани лица. Значи, во 2020 година вкупниот број на дипломирани лица е 6907, од коишто 4110 се жени. Учеството на жените како бројка во високообразованиот кадар во Македонија е повеќе од доминантно. Од друга страна, ако ги погледнеме нивните активности во рамки на политичките партии, барем ние кај нас во ВМРО – ДПМНЕ знаеме да речеме дека жените се моторот на партијата. Тоа значи дека тие беспоштедно се вложуваат и се најактивни во делот на теренски активности“, додава претседателката.
Како што истакна Серафимовска, Унијата на жени на ВМРО – ДПМНЕ ќе продолжи со своите активности за унапредување и доминантност на жените и ќе ги следи трендовите во општеството. Наредниот настан ќе биде на празникот 24 мај посветен на браќата Кирил и Методиј.
Ребека Спасова М-Нет