
Државата го одбележува 7 мај – Денот на македонската полиција. Централната прослава годинава е во Делчево, а претходно делегации од МВР и претставници Македонскиот полициски синдикат и здруженија положија свежо цвеќе на спомен обележјата на загинатите и починатите припадници на МВР. Свечената церемонија во Делчево започна со интонирање на химната по што следеше културно – уметничка програма и обраќања на министерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Факт е дека без разликана сите предизвици кои стоеле и сѐ уште стојат пред нас, за многу кратко време постигнавме значителен напредок и сето тоа благодаренеие на сите чинители. Најголем дел од тие сериозни и одговорни задачи ги реализиравме благодарение на меѓусебната соработка, особено меѓуинституционалната. Резултатати покажуваат дека нашите напори се евидентни. Дозволете ми на сите припадници на полицијата да им го честитам денешниот празник“, беше дел од говорот на Спасовски.
Претседателот Џафери испрати апел до сите припадници на МВР да бидат првата врата на која ќе тропнат сите кои ќе се чувствуваат беспомошно, обесправено, загрозено или исплашено за себе и своите најблиски. Порача дека не смее да се заборави претходниот придонес на сите полициски службеници и припадници на специјалните единици.
„Важно е да ја стекнете и одржите високо довербата на граѓаните, важно е да бидете пример за тоа што значи професионален полициски службеник во служба на граѓаните. Длабоко сум убеден дека заемната соработка и застанувањето на праведната страна на законот ќе придонесе да имаме побезбедни улици, подемократски институции. Добро е што сте чувари на мирниот сон на нашите деца, внуци и браник на криминалот, тероризмот и другото соверемено зло кое демне врз нашиот демократски поредок и лична и колективна безбедност“, истакна во својот говор претседателот Џафери.
Во рамки на културно – уметничката програма свој настап имаа Фоклорното друштво „Копачка“ од делчевското село Драмче, КУД „Гоце Делчев“ од Делчево и Женската пејачка група „Ѓурѓа“ во рамки на НУЦК „Никола Јонко Вапцаров“ во Делчево. Раководството на МВР додели плакети за успешно реализирани оперативни акции и најдобри постигнати резултати за 2021 година, а беше изведена и вежба од страна на Единиците на Одделот за специјални полициски операции.
Ребека Спасова М-Нет