Карбинци ја декласираше Тиверија, Вардарски ја доби Слога Виница, во Свети Николе паднаа седум гола

Денес се одиграа натпреварите од четвртата рунда од Третата македонска фудбалска лига – Исток.

Лидерот Вардарски на домашен терен стигна до нова победа, откако со 2:1 славеше над ланскиот второлигаш Слога од Виница со што прволигашот од сезона 1992/1993 продолжува да „гази“ на патот кон баражот за Втора лига.

Стојанчо Наков во 12. минута постигна гол од пенал за 1:0 и радост на домашната публика. Слога брзо го израмни резултатот на 1:1 со голот на Михаил Воинов постигнат во 26. минута, со што на полувреме резултатот беше 1:1.

Егал борбата во вториот дел продолжи за трите бодови, а херој за домашниот тим беше Адам Стојанов кој во 70. минута ги постави конечни 2:1. Вардарски ја продолжува својата одлична победничка серија во новата сезона.

Малеш во финишот остана без три бода, откако ремизираше во Пробиштип играјќи 2:2 со Рудар. Беровчани има зошто да жалат, бидејќи до 80. минута имаа два гола предност, а истата со два брзи гола на Атанасовски беше стопена на конечни 2:2.

Малеш на полувреме имаше гол предност (0:1) преку Ерол Пилов кој стрелаше во 40. минута. Во вториот дел Димтиар Каракутовски успеа да постигна погодок за 0:2 од белата точка. Предноста од два гола траеше се до 80. минута кога Марио Атанасовски со два брзи гола во 80. и 85. минута ги постави конечни 2:2.

Во финишот на мечот тренерот на гостите од Берово, Игор Демјански заработи два жолти картони, првиот поради приговор кон судија, а вториот поради неспортско однесување. Натпреварот доцнеше 20 минути поради доцнење на гостинската екипа.

Продолжува лошата резултатска серија на Тиверија, која одигра нов ужасен меч откако беше поразена со убедливи 4:1 на гостувањето кај Карбинци.

Во дербито за први бодови и прва сезонска радост Карбинци на полувреме имаше предност од 2:0 со головите на Митев и Андонов. Во вториот дел Давитковски зголеми на 3:0, а пак Димитриев во 72. минута намали на 3:1. Во финишот на мечот Саше Соколов ги постави конечните 4:1.

Во Свети Николе паднаа седум погодоци во натпревар каде Овче Поле со 4:3 славеше над Дојранско Езеро. Симонов во 11. минута погоди за 1:0, а по осум минуги Јанкулов израмни на 1:1.

Трендафилов во 33. минута обезбеди нова предност од 2:1 за Овче Поле, а пак Илиев во 41. минута постигна гол од пенал за 2:2 на полувреме. Во вториот дел Симов со втор гол донесе трето водство за домаќинот, а пак Нацев Дарко во 77. минута обезбеди предност од 4:2.

Во судиското надополнување Митков Цонев постигна гол и го ублажи поразот на конечни 4:3.

Во 4. коло екипата на Ударник од с. Пирава беше слободна.