
Екипата на Победа Валандово останува непоразен лидер во Трета лига – Исток, откако со минимални 1:0 славеше на домашен терен над Карбинци, во меч од 10. коло.
Никола Костадинов беше стрелец на единствениот гол вреден нов триумф и нови три бодови за екипата од Валандово.
Во Зрновци немаше победник – бодовите ги поделија Светлост и Малеш кој одиграа 1:1. Гостинот од Берово прв го отвори резултатот преку Левков, а пак домаќинот во вториот дел со одличен гол на Шуманов ги постави конечните 1:1 со што тимот од Зрновци и натаму останува без триумф.
Најголема победа забележа екипата на Рудар која на Градскиот стадион во Пробиштип пред домашната публика со 7:0 го декласираше Дојранско Езеро, а пак висока победа од 5:1 забележа и Ударник кој на домашен терен ја декласираше Тиверија.
Дербито во Свети Николе заврши со убедлива победа за Овче Поле кој со 5:1 го декласираше некогашниот прволигаш Хоризонт Турново, во рамки на оваа коло слободна беше екипата на Брегалница Делчево.
Победа Валандово е на врвот од табелата со 25 бодови на своето конто, единствен непоразен тим на Истокот. Ударник е втор со 22 бодови, три помалку од лидерот, а пак Овче Поле од Свети Николе е на третото место со 19 бодови.
Хоризонт Турново сега е четврти со 16 бодови, а пак тимот на Карбинци останува на петтата позиција со 13 бодови на своето конто. Бод помалку има Брегалница од Делчево со 12 бодови, а пак Рудар останува седми, но се зацврстува со 11 бодови на своето конто. Следува пресек на самата табела со тоа што Тиверија е осма со седум бодови, Малеш е деветти со пет бодови, а по четири бодови имаат Светлост од Зрновци кој сега го напушти дното и е претпоследен, а пак Дојранско Езеро е на дното поради полошата гол разлика.
Александар Ванев, М-Нет