Казина, обложувалници, брзи кредити на секој чекор во штипски Сењак, граѓаните загрижени

Повеќе продавници за брзи кредити, казина и обложувалници отколку прехранбени продавници, граѓаните од штипската населба Сењак реагираат на големиот број отворени казина, обложувалници и фирми за брзи кредити во нивната населба. Велат ги има на секој чекор, а прехранбени продавници на неколку километри. Ваквата ситуација е загрижувачка за повозрасните граѓани, бидејќи како што велат младите ги посетуваат, а тоа е далеку од позитивно.

„Казината што да ти кажам, ги има повеќе од дуќаните, дуќани немаме, еве само еден после треба да одеш неколку километри за да си купеш нешто, а казина еве го, па друго и друго, на секој чекор казино.“ – велат граѓаните.

Повозрасните анкетирани граѓани велат дека отворањето на казина и обложувалници, но и брзи кредити во поголемите штипски населби не се позитивен чекор за нивните деца. Има основно училиште во близина, па децата знаат да отидат и парите да ги остават на места на кои не треба. Стравуваат дека ова ќе се претвори во навика за младите, а како што велат тоа воопшто не е во ред. Апелираат наместо обложувалници и казина да се отвори прехранбена продавница која ќе им биде од големо значење.

Казината, обложувалниците и продавници за брзи кредити од центарот полека свое место заземаат и во останатите штипски населби, каде ги има речиси на секој чекор. За разика од ова, неколку поголеми штипски населби моментално се оставени без ниту една прехранбена продавница.

Лаура Стојанова М-Нет