„Играчите стоеја, публиката сакаше физички да се пресмета со играчите“ – ова е заведено во извештајот за мечот во Гевгелија

Во официјалниот извештај од записникот од срамниот меч меѓу Кожуф и Башкими, наведено е дека судиите кои се меѓународни се срамат што присуствувале на ваков срамен натпревар.

Дополнително е наведено дека во 95. минута кога е постигнат голот на Башкими целата домашна одбрана застанала и не била заинтересирана да го блокира гостинскиот напад, по што гостинската екипа постигнала гол.

„Увидовме на натпреварот дека нешто сомнително се случува, домашните играчи скоро сите почнаа да бараат принудна замена и сакаа да го напуштат теренот за игра. При скоро секоја акција на гостинската екипа, домашните играчи стоеја на теренот и не играа како што играа во првото полувреме. За волја на вистината, домашниот голман беше на висина на задачата се до последната акција,каде што застана заедно со целата домашна одбрана која не беше заинтересирана да го блокира гостинскиот напад и гостинската екипа постигна погодок. Вториот погодок беше постигнат во 93 минута и 12 секунда. Второто полувереме беше продолжено за пет минути бидејќи имаше направено 8 измени и плус имаше интервенција од брза помош која влезе на теренот поради повреден гостински играч и само тој прекин траеше четири минути и 27 секунди. На крајот од натпреварот домашната публика сакаше да влезе во теренот за игра и физички да се пресмета со играчите, но до тоа не дојде бидејќи пристигнаа два полицајци до играчите. Ние како меѓународни судии се срамиме што присуствувавме на ваков срамен натпревар. Ако треба стоиме на располагање за дополнителен извештај“, стои во извештајот од записникот на натпреварот меѓу Кожуф и Башкими.

Натпреварот заврши со 1:2 односно со победа на Башкими над Кожуф. За домашниот тим мечот немаше резултатско значење, но за гостите победата беше важна во борбата за влез во Прва лига.