Започна вакцинацијата против сезонски грип, во Штип на дневна основа има околу 150 пациенти

Започна имунизацијата против сезонски грип во Штип. На пункт во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ Штип, бесплатно се вакцинираат граѓаните кои спаѓаат во ризични категории граѓани. Овде се лицата над 65 години, хронично болни граѓани, деца од 6 месеци до 5 години, бремени жени и здравствените работници. Граѓаните добиваат смс пораки преку Мој термин за денот и часот за вакцинација. Годинава бројот на пациените кои се имунизираат на дневна основа е речиси идентичен како и лани.

,,Од денеска официјално стартува имунизацијата во Општиа Штип. Заинтересираноста е сега за сега голема. Во мој термин преку вакцинација. мк на дневна основа сега за сега има околу 150 пациенти. Имунизацијата против сезонски грип е енормно важно да се прима за пациентите кои се во ризичните групи.“ – вели Саздовска.

Повозрасните граѓани велат се вакцинираат секоја година по ред, бидејќи вакцината ги заштитува од грип престојниот период и од потешки компликации.

За останатите граѓани кои не спаѓаат во рзиичните групи, набавени се и комерцијални вакцини против сезонски грип чија цена дополнително ќе се утврди.

„За сите останати кои имаат интерес да се имунизираат слободно може да ја примаат вакцината. За пациентите кои не спаѓаат во ризичнте групи има обезбедено 100 комерцијални вакцини“ – вели Саздовска.

Имунизацијата против сезонски грип започна на 35 пункта во државата, до сега се пријавени 43 илјади граѓани, а можноста за пријавување продолжува. Набавени се 80 илјади дози четиривалентна вакцина за потребите на пациентите.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет