
Велосипедската патека, веднаш до постоечката пешачка во коритото на р. Брегалница е до половина со својата изградба. Градежните активности веќе се завршени на едниот потег, истакна градоначалникот Јорданов, додавајќи дека следи работа на другиот потег, но и дополнително уредување на патеките со цел подобар простор за рекреација.
„Веќе на едниот потег, односно првата фаза на потегот од Ново Село кон населбата Осми ноември е завршена. Дополнително, ќе биде вратен во првобитната состојба со расчистување на градежниот шут и остатоци од градежните активности, а во следна фаза веќе се започнато да се трасира велосипедската патека од населбата Осми ноември до населбата Балканска. Очекувам овие денови таму да се изврши нанесување на земјени наноси, односно на тампон и веднаш потоа асфалтирање на велосипедската патека, обележување сооодветно и целосно осветлување на потегот од населбата Осми Ноември до населбата Балканска. Набавени се веќе стотина канделабри и стотина сијалици коишто ќе го осветлат целиот тој потег“, истакна Јорданов.
Јорданов напомена дека изградбата ќе биде во рамки на утврдениот рок и тоа не само изведбата на овој проект, туку и на сите останати кои во моментов се реализираат во Штип. Ова го потврдува и секојдневната комуникација со изведувачите и надзорот.
„Со оглед на тоа што станува збор за поопсежна градежна активност, изведбата се одвива во рамките на предвидените законски рокови. Во постојана комуникација сме со изведувачот и со надзорот. Едниот потег е направен, а во следна фаза ќе биде завршен вториот потег. Исто така, морам да напоменам, дека не само овде, туку за сите објекти за коишто Општина Штип има распишано тендерска постапка за изведба, во постојана комуникација сме со економските оператори, со изведувачите и надзорот којшто го изведува квалитетот на изведбата и запазувањето на временските рокови“, додава Јорданов.
Инаку, инвестицијата е во вредност од 10 милиони денари, пари од буџетот на Општина Штип. За дополнителните активности ќе се обезбедат нови финансиски средства од општинската сметка.
Ребека Спасова М-Нет