
„Подај рака и промени живот! Стани згрижувач“ – со оваа реченица се пренесува пораката за што поголема свесност дека сите деца имаат потреба и право на семејство. Уникатни приказни за згрижувачи и деца кои биле згрижени беа пренесени на вчерашниот настан во Штип чија цел е да се иницира и популаризира згрижувањето на деца без родители. Нусрет Мурати живее во Скопје, а заедно со сопругата по смртта на пријателите одлучуваат да ги згрижат нивните деца. Од шестте браќа и сестри пет ги згрижуваат Мурати и сопругата, а едно неговиот син.
Оливера Миленковска, пак, веќе три години згрижува пет деца на возраст од 1 до 12 години. Вели дека секојдневието е како во секое биолошко семејство и еден нормален ден воопшто не се разликува од оној кога имаш свои деца.
Успешната приказна на дете кое пораснало во згрижувачко семејство, пак, со себе ја носи модераторката на настанот, Цеце Николова. Според неа, кампањата навистина придонесува за подигнување на свеста и запознавање со можноста за згрижување, што е од големо значење за децата без родители.
Од Центарот за социјална работа велат дека интересот за згрижување се зголемува, а најзастапено е роднинското згрижување. Инаку, згрижувачите имаат и материјално право и други додатоци согласно со правилникот, возраста и состојбата на детето.
Проектот доби целосна поддршка и од Општина Штип со цел посветла иднина на сите дечиња коишто не се згрижени.
Настанот се одржа на Плоштадот „Слобода“ во Штип, а е во организација на СОС Детското село.
Ребека Спасова М-Нет