
Штипскиот Универзитет со уште еден настан во чест на 15-годишнината од своето постоење. Атлетска и велосипедска трка овојпат беа дел од месечната агенда за овогодинешниот јубилеј. Студенти на факултетите, вработени, но и останати заинтересирани, претежно млади, трчаа на 3 км и возеа велосипед на 6 км. На настанот се доделија и наградите за најдобрите во натпреварите во одбојка, кошарка и мал фудбал кои се одиграа вчера. На победничкиот подиум имаше претставници од Филолошкиот факултет, Факултетот за медицински науки, Економскиот факултет и уште неколку останати факултети.
„Станува збор за дел од спортските активности во рамките на одбележувањето на 15 години од постоењето на Универзитетот „Гоце Делчев“ и во рамките на спортската програма. Вчера имавме спортски натпревари, односно натпревари во баскет, одбојка и во мал фудбал. Денеска продолжуваме со ревијални трки во атлетика и велосипедска трка. Настанот е од отворен карактер и идејата е да ја промовираме физичката активност, пред се’ тоа се наједноставните форми на движење, односно пешачење, трчање и возење велосипед. Да, има интерес. Се’ уште се собираат натпреварувачите, имаше пријавено околу 70 учесници. Меѓутоа, како што реков, настанот е од отворен карактер, така што повикани се да учествуваат сите коишто се заинтересирани. Веќе на лице место се собираат уште натпреварувачи, се надеваме дека ќе имаме голема посетеност на настанот“, истакна Билјана Попеска, раководител на Универзитетскиот спортски и културен центар.
Учесниците во трката, пак, со една основна идеја – да се пренесе пораката на мислата „во здраво тело, здрав дух“ и да се покаже колку е важно физичкото здравје.
„Многу ми е мило што за првпат се организира ваква трка во Штип. Ние често учествуваме на трки во разни градови на Македонија, па затоа сакавме да ги поддржиме овојпат и заедно да придонесеме целиот овој настан да се подигне на едно повисоко ниво“, истакна Моника Манева, учесник во трката.
Во рамки на јубилејот, Универзитетскиот спортски и културен центар одбележува 10 години од своето активно функционирање како виновник за сите спортски настани. Оваа година во континуитет се организирани 10. Универзитетски спортски лиги, планинарска тура и за првпат атлетска и велосипедска трка. Вчера Универзитетот го одбележа јубилејот со положување цвеќе и пригодна манифестација. Меѓутоа, деновиве се организираат низа работилници, предавања, активности и настани во склоп на одбележувањето.
Ребека Спасова М-Нет