Плетените чорапи сè уште има кој да ги изработува, но веќе ретко кој ги носи

Од волница и игла, со многу работа и труд до совршено исплетени чорапи. Кај младите поретко, кај повозрасните да се носи плетени чорапи во зима сè уште е приоритет. Плетењето како хоби, но често и како начин на заработка останува во теоријата и праксата на повеќето постари наши сограѓани. На градскиот пазар во Штип, освен овошје и зеленчук, често може да купите и други производи, но и изработки од волна, како плетени чорапи, елечиња, капи и слично. Плетењето знае да биде напорно, велат оние кои ги продаваат, но не е тешко да се научиш да плетеш.

„За еден пар ми треба еден ден и една вечер. Научив да плетам од дете, кога бев десет години. Постојано плетев џемпери, блузи и други работи. Сиромаштија беше и се обидувавме некако да егзистираме. Кога е зима ги бараат, а сега не. Не се скапи, 450 и 200 денари. Процесот е долг, купуваме волна, па ја переме, влачеме, предеме и потоа плетеме. Ама не се исплаќа. Имам две внуки и ќерки, знаат да плетат“, вели една од плетачките.

„Има некои 40 години како плетам. Јас сум речиси 70 години. Во село работам, имаме тутун, а во зима плетам чорапи. Имаме до нас во селото купуваме волна, немаме ние овци. Ја купуваме волната, ја переме, влачеме… И за влачење оваа година многу е скапо, ама што да правиме. Луѓето бараат, ама даваме евтино, немаат пари и тие. Правиме и елечиња, и мести и други работи. Има кој да ме наследи. Младите гледаат како ние правиме и ни велат да ги научиме нив“, додава друга плетачка.

Анкетираните штипјани, пак, поделени во однос на прашањето „дали зиме носат плетени чорапи?“. Од оние што носат, дел си купуваат, друг дел и сами знаат да плетат. Сепак, плетените чорапи веќе не се многу популарни меѓу граѓаните.

Иако подебелите волнени чорапи стануваат сè поактуелни и кај младите, повеќето ги купуваат од продавница, а многу ретко рачно изработени. Сепак, таа пракса останува зад нас до наредната сезона кога повторно ќе имаме ниски температури.

Ребека Спасова М-Нет