Жителите од кочанско на протест пред КЈП „Водовод“ поради чадењето на градската депонија

Жителите од Кочани и кочанско на предупредувачки протест пред комуналното претпријатие „Водовод“. Реагираат на постојаното чадење на депонијата, за која велат дека повеќе од пет месеца дел од селата ги обвива во чад.

„Ние во село Бели сме на таква местоположба каде што доколку вечерта нема чад, изутрина селото е покриено во магла. Буквално кажано во магла. Не се излегува надвор, смрди и дури лути на очите. Последните неколку дена се соочивме со голем чад и голема смрдеа, којшто го осети поголемиот дел на кочанската околина, да не речам до Штип и до Виница“, вели Дарко Арсов, жител на с. Бели.

„Две години од короната носевме маски, сега не можеме од дома да излеземе. Тогаш излегувавме барем од дома, сега не можеме да излеземе во двор“, вели Злате Данов, жител на с. Бели.

Надлежните навидум имале слух за нивното барање, па одржувале неколку меѓусебни состаноци. Меѓутоа, од состаноците, велат, остануваат само празни зборови. Депонијата сѐ повеќе чади и никој не презема ништо, тврдат жителите.

„Разговаравме неколкупати, имавме состанок со градоначалникот и директорот, каде што добивме ветување дека се работи на случајот, дека депонијата ќе биде згасната. Меѓутоа, резултатите покажуваат нешто сосема спротивно. Депонијата се разгорува постојано и секое разгорување е сѐ поголемо и поголемо“, додава Арсов.

Барањата на жителите се проблемот да се реши трајно и во најкраток можен рок. Во спротивно најавуваат блокада на возилата и депонијата со што повеќе не би можело да се транспортира и исфрла смет.

„Ние не сме надлежни, има повисоки институции. На крајот на краиштата, ќе се собереме ние од селото и ќе го блокираме влезот на депонијата и нема да дозволеме да изнесуваат смет. Каде ќе го носат, нека се снајдат, штом не можат да се грижат за тоа“, потенцира Данов.

„Не сме ние должни да го дишеме чадот заради неспособноста на надлежните. Доколку не го решат проблемот, најмалку што можат да направат градоналникот и директорот е да си дадат оставка, бидејќи не можат да обезбедат чист воздух за Кочани, околните села и кочанчани“, потенцира Арсов.

Жителите потенцираат дека не ги подмируваат своите обврски за да дишат чад и нечист воздух. Иако директорот на претпријатието објаснуваше дека станува збор за непознати сторители кои ја палат депонијата, жителите се со став дека одговорност треба да понесат единствено надлежните. Директорот Иван Иванов по протестот рече дека ќе се преземат активности и на депонијата ќе се постави видео надзор.

Ребека Спасова М-Нет