Есенскиот шампион Вардарски се засили со Христијан Бејков

Есенскиот шампион во Третата македонска фудбалска лига – Исток, екипата на Вардарски се засили со Христијан Бејков.

25-годишниот Бејков, кој игра на позицијата стопер во Богданци доаѓа од редовите на второлигашот Беласица од Струмица, претходно има настапувано и за Кожуф, Металург и Истатов.

Како што дознава телевизија М Нет, Вардарски во следниот период ќе се засили со уште еден до двајца играчи.

Вардарски е на врвот од табелата со 20 бодови, три повеќе од второпласираниот Овче Поле, а девет повеќе во однос на Слога која е на 4. место. Во пролетниот дел Вардарски оди со една цел – да го сочува првото место и да игра бараж за конечно враќање во Втората македонска фудбалска лига.

Конкуренти на Вардарски за првото место ќе бидат Овче Поле кој бодовно е најблиску до лидерот, но и Слога од Виница која сериозно се засилува по влезот на турските инвеститори во овој клуб кој лани играше во Втората лига.

Александар Ванев, М-Нет