Доцни есенската сеидба, штипските ниви празни, земјоделците во трка со времето

Доцни есенската сеидба во штипско-пробиштипскиот регион. Поради обилните дождови, земјоделците се’ уште не можат да влезат во нивите. Потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Гоце Серафимов, вели дека досега се посеани само 10 проценти од планираните површини со јачмен и пченица. Дел од нивите сè уште не се ниту изорани, што дополнително ја отежнува состојбата. Серафимов додава дека ако времето се стабилизира, земјоделците ќе мора забрзано да ја завршат сеидбата до Нова година.

,,Па веќе почна да доцнат посевите на нивите, затоа што до скору беше суша, па потоа почнаа обилни дождови, во нивата се уште не може да се влезе. Има дури мал дел површини кои што се уште не се изорани. Инаку, за посеани површини овде штипско, пробиштипско максимум 10 посто има посеани површини со јачмен и пченица. Очекуваме ако овие денови се подобри времето, треба да се посее што поскоро. Сега целото време е поместено, се што ќе биде пред нова година е во некој оптимален рок.“, рече Серафимов

Но, Серафимов е дециден дека во штипско, најповеќе успева јачменот, а потоа пченица. Потенцираше дека климата и почвата во истокот се идеални за вакви посеви.

,,Претежно тука во штипско е застапен јачменот, климата повеќе одговара за јачмен. И пчениза се сее еден дел, но јачменот подобро успева.“, додава Серафимов

Земјоделците со загриженост гледаат кон небото, надевајќи се на подобри временски услови кои ќе им овозможат навремено да ја завршат сеидбата. Секое ново одложување, велат тие, може да се одрази врз приносите и квалитетот на житото напролет. Судбината на следната жетва, велат сега зависи од времето и од тоа колку брзо ќе се вратат тракторите на нивите.

Иван Митев, М-Нет