
Второлигашот Детонит Плачковица се засили со Дарко Алексовски, популарниот Пеле се враќа во Радовиш по разделбата со штипска Брегалница.
Штипјанецот ќе биде големо засилување за Детонит Плачковица за пролетниот дел од сезоната во Втората лига, каде 35-годишниот Пеле помина една сезона во дресот на радовишани.
Низ неговата богата кариера освен за Детонит Плачковица и Брегалница, настапуваше и за Вардар од Неготино, Каменица Саса, Осогово, Силекс, Кит Го од Пехчево, Баби од Штип како и за тимот на Модрича од Босна и Херцеговина.
Алексовски кој по цели 17 години се врати во редовите на Брегалница настапуваше само шест месеци по што двете страни се разделија, а тој сега се враќа во добро позната средина.
Искусниот Пеле ќе биде голем адут за стратегот Горан Здравков за пролетниот дел каде радовишани ќе целат кон што повисок пласман на табелата. Пролетниот дел Детонит Плачковица го отвара против Големо Коњари.
Александар Ванев, М-Нет