Денеска се слави празникот посветен на Свети Климент Охридски

На денешен ден, 8 декември, се празнува Денот на Свети Климент Охридски. 8 Декември, Денот на Свети Климент Охридски, во Македонија се празнува како државен празник од 2007 година.

Со овој празник се одбележува делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа. Заедно со Наум Охридски, тој е најистакнат ученик на творците на словенската писменост, светите браќа Кирил и Методиј, и најверен продолжувач на нивното дело. Ги придружувал дваесетина години во просветителската мисија за одбрана на словенскиот јазик во Велика Моравија.

Малку се знае за Климент, а реконструкцијата на неговиот животен пат во науката се прави, главно, врз Пространото Климентово житие што го напишал на грчки јазик охридскиот архиепископ Теофилакт во последните години на 11 век, како и Краткото житие на охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан, напишано на грчки јазик 300 години по смртта на Климент. Не се знае кога и каде е точно роден, нема податоци за семејството и потеклото, освен дека бил закопан на 27 јули 916 година во манастирот на Плаошник во Охрид, што тој сам го изградил и го посветил на св. Пантелејмон. Кога манастирот бил претворен во џамија, моштите му биле пренесени во црквата Св. Богородица Перивлепта, која оттогаш е нарекувана со неговото име. Моштите му се повторно вратени во август 2002 година по обновата и осветувањето на неговиот манастир. Се претпоставува дека починал на 70-80 години и дека е роден околу 30-40 години на 9 век.

Денес многу цркви, институции, училишта и здруженија го носат неговото име, а меѓу нив најрепрезентативни се Националната и универзитетска библиотека и Соборниот храм во Скопје, Универзитетот во Битола. Неговото име го носи и универзитетот во Софија. Во чест на св. Климент Охридски се доделува и државна награда за особени остварувања во воспитанието, образованието, културата, науката и здравството.