Денеска во Штип се одржа „Симулациска вежба за справување со пожар на отворен простор – ИСТОЧЕН ШТИТ 2026“

Општина Штип и ЛАГ Плачковица денеска во месноста Суитлак во Штип, организираа „Симулациска вежба за справување со пожар на отворен простор – ИСТОЧЕН ШТИТ 2026“.
Станува збор за теренска вежба со цел проверка и унапредување на координацијата, оперативната подготвеност и комуникацијата меѓу професионалните и доброволните противпожарни единици, како и институциите вклучени во управувањето со ризици од пожари на отворен простор.
Во вежбата учествуваат Територијалните Противпожарни единици (ТППЕ) Штип и Радовиш, како и Доброволните Противпожарни друштва Штип, потоа Баргала од општина Карбинци, ДПД Мантово – Конче, ДПД Кобри – Злеово, ДПД Струмица, ДПД Кочани и ДПД Архангел – Битола. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов во своето обраќање истакна дека го радува тоа што се зголемува свеста граѓаните да волонтираат и да станат членови на Доброволните Противпожарни друштва, кои на терен им помагаат на пожарникарите од Противпожарната единица.
-Верувам дека овие Доброволни Противпожарни друштва ќе помогнат во предизвиците кои пред нас ќе престојат и би посакал помалку работа на терен, но и поголема ефикасност онаму каде што е неопходно-рече Јорданов.
Покрај противпожарните единици, во поддршка на вежбата беа вклучени СВР Штип, медицинска екипа од Медицински центар Штип, ЈП „Исар“ – Штип, како и други локални институции и партнери.