Дежурните служби на новогодишната ноќ добија ваучери од по 3.000 денари од Општина Штип

Ваучери од по 3.000 денари додели Општина Штип на службите кои ќе бидат дежурни на новогодишната ноќ. На денешната средба присуствуваа претставници од Итната медицинска помош, Секторот за внатрешни работи, Армијата, Затворот, ЈП „Стипион“, Филтер станицата, Регионалниот центар за управување со кризи и дежурниот кој ќе ја обезбедува општинската зграда. Јорданов им се заблагодари и порача мирна ноќ.

„Доделивме едни симболични ваучери со коишто ќе им се заблагодариме на институциите коишто ќе бидат задолжени за интервенции истата вечер, за чување на јавниот ред и мир за да граѓаните ја дочекаат новата 2023 година мирно и достоинствено. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на сите претставници на институциите коишто при дочекот на новата година ќе бидат во служба на граѓаните, ќе бидат на работа со цел во Штип да се дочека новата година“, порача Јорданов.

Мирна ноќ посакаа и дежурните служби. Началникот на Брзата помош, Деан Манов, и командирот на ТППЕ – Штип, Дарко Коцев, со апел – граѓаните да бидат внимателни.

„Би препорачал да слават безбедно и совесно, да внимаваат на своето здравје и својата безбедност, како и безбедноста и здравјето на другите околу нив“, вели началникот на ИМП, Деан Манов.

„Еве, и еден апел од ТППЕ – Штип до граѓаните на општина Штип да внимаваат на новогодишната ноќ со пиротехничките средства, со грејните тела и во новата година да влезат среќни, без никакви проблеми“, вели командирот на ТППЕ – Штип, Дарко Коцев.

Од Итната медицинска помош велат дека потребата да интервенираат од година во година е различна, а од Противпожарната единица напоменуваат дека праксата покажува мал број на запалени греалки низ годините.

Ребека Спасова М-Нет