Две починати лица од Kовид – 19 регистрирани во штипската болница меѓу кои и 35 годишно лице од Радовиш

35 годишно лице од Радовиш е еден од починатите пациенти во Клиничка болница Штип, како резултат на Kовид – 19. Од болницата информираат дека лицето било со претходни коморбилитети и тоа придонело да не ја преживее битката со Ковид – 19. Истовремено, во последните 24 часа регистрирано е уште едно починато лице на возраст од 71 година од Делчево. Во меѓувреме, 41 ковид пациент се хоспитализирани во Клиничката болница Штип, односно 32 пациенти во модуларната ковид болница и 9 лица на Кожното одделение, кое веќе две недели работи како ковид оддел. Во последните 24 часа ново примени се две лица, а едно е регистрирано како оздравено. Од хоспитализираните пациенти 8 се вакцинирани, а 24 се со потешка клиничка слика и имаат потреба од кислородна поддршка, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во Кочани бројот на хоспитализирани пациенти за време на викендот е зголемен, односно сега на Интерното одделение кое функционира како ковид оддел се згрижени 16 пациенти. Од нив само две лица се се потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка, истакна директорот на болницата Александар Серафимов. Во Кочани во последните 24 часа нема регистрирано починати лица. Нема најава за отворање на модуларната болница сè додека не се потполни достапниот простор за ковид пациентите, додаде Серафимов.

Согласно информациите од Министерството за здравство, заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.188.356 тестирање на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 180.045, бројката на оздравени пациенти е 158.809, на починати е 6.065, а бројот на активни случаи изнесува 15.171.

Лаура Стојанова МНет