
Полицијата во текот на вчерашниот ден приведе две лица во одделни случаи на семејно насилство во Македонска Каменица и Кочани, по претходно поднесени пријави за психичко и физичко малтретирање, како и закани кон членови на семејствата.
Во првиот случај, на 13 јуни околу 13:30 часот, полициски службеници од Полициското одделение Македонска Каменица го лишиле од слобода 45-годишниот С.М. од Виница. Според пријавата поднесена од неговиот 41-годишен брат, осомничениот подолг временски период во семејниот дом во село на подрачјето на општина Македонска Каменица психички и физички ги малтретирал него и нивниот татко, при што им упатувал и закани. За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Делчево.
Во вториот случај, околу 15:10 часот во Кочани, полициски службеници од ОВР Кочани го привеле 55-годишниот Г.Ф. од Кочани. Тој бил пријавен од неговата 49-годишна сопруга дека во семејниот дом ѝ упатувал закани. Според нејзината пријава, од март 2021 година до денот на пријавувањето таа била изложена на психичко малтретирање од сопругот.
За двата настани се известени надлежните јавни обвинители, а полицијата соопшти дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случаите, по што против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.