
Фудбалскиот клуб АП Брера Струмица испрати јасна порака до јавноста по бројните дезинформации и шпекулации кои во изминатиот период се појавија околу иднината на клубот. Од струмичани потенцираат дека и во сезоната што следува ќе продолжат активно да се натпреваруваат и во младинските категории и со сениорскиот тим во Втората македонска фудбалска лига.
Од клубот истакнуваат дека поседуваат квалитет и потенцијал, што најдобро го потврдија младинските селекции со освојувањето на двојната круна во домашните натпреварувања. Благодарение на овој успех, Брера по вторпат во својата историја ќе настапи во престижната УЕФА Младинска лига на шампиони, што претставува значајно признание за работата на клубот и развојот на младите таленти.
Посебен акцент во клубот ставаат на младинската школа, каде што моментално тренираат повеќе од 300 деца. Од АП Брера нагласуваат дека токму тие се иднината на клубот и на македонскиот фудбал, а нивниот напредок е главната мотивација за понатамошен раст и нови успеси.
Во наредниот период раководството ќе се фокусира на реконструкција и дополнително унапредување на младинската академија, со цел создавање уште подобри услови за работа и развој на младите фудбалери. Воедно, клубот најавува дека останува отворен за нови таленти кои сакаат да ја градат својата фудбалска кариера во Струмица.
Со јасна визија, силна младинска база и амбиции за иднината, АП Брера Струмица порачува дека продолжува по својот пат – посилна, поорганизирана и подготвена за нови предизвици на домашната и европската сцена.