Двата аспекта на Четрсе – штипјани со религиозно и организирано празнување

Религиозно и организирано празнување практикуваат штипјани во рамки на познатиот обичај Четрсе. Првово е поврзано со силната вера на 40 римски војници, кои заради Христос претрпеле сурова смрт, со каменување и фрлање во замрзнатото езеро.

„Оној религиозен аспект е поврзан уште од 320 година од новата ера и е поврзан со самиот празник Св. 40 маченици од Севастија. Што го поврзува ова празнување со празникот? Тоа е казнувањето и каменувањето на 40 римски војници во Севастија и фрлање во замрзнатото езеро. Оваа казна била извршена затоа што тие верувале во Бога и поради нивното верување биле каменувани и фрлани во езерото“, вели Бети Иванова, виш кустос, етнолог во НУ Завод и Музеј – Штип.

Организираното празнување, пак, го опфаќа она што денес е влезено во листата на светско материјално богатство на УНЕСКО. Штипјани, но и гости од други градови се искачуваат на тврдината Исар, каде собираат и фрлаат четириесет каменчиња и се ракуваат со четириесет луѓе. Жителите на Исарското маало, пак, овој ден го празнуваат како нивна слава и пречекуваат гости. И самиот назив, но и секој обичај се поврзува со бројот 40, што повторно навраќа на религиозното празнување со измачувањето на четириесетте римски војници.

„Организираното празнување на празникот за 22 март – Денот на пролетта потекнува од средниот век, односно од владеењето на Османлиите, кога на самата тврдина на овој ден се организирале пеливански борби во коишто учествувале и муслиманското и христијанското население. Оттогаш и старите граѓани на Штип, и според прераскажувањето на нивните постари роднини, пријатели, предци, се кажува за постојаното непрекинато празнување на овој празник и обичаите коишто се случуваат на самиот ден. Најпознат е обичајот за фрлањето на 40 каменчиња, потоа поздравувањето, сѐ да биде во знакот на бројот 40“, додава Иванова.

Претходно, домаќинките правеле четириесет мекици, а домаќините послужувале 40 чашки ракија. Сепак, денес овој обичај не се практикува до таа мера, но останува да се пренесува искачувањето на тврдината. Како спој на сите возрасни групи, социјални класи и етнички, верски и религиозни групи, празникот поттикнува заедништво и солидарност меѓу жителите на градот под Исарот.

Ребека Спасова М-Нет