Оштетени сите четири гуми на службеното возило на Јорданов, настанот пријавен во полиција

Закани по животот добил градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов од страна на вработено лице во општината. Вербални закани градоначалникот добивал во изминатите два месеца, но ситуацијата достигнла кулминација во текот на вчерашниот ден кога му биле оштетени сите четири гуми на возилото. Јорданов ја потврди ситуацијата, пријавил во полиција но не коментираше дополнително за да не влијае во понатамошниот тек на постапката.

„Јас го пријавив настанот во текот на вчерашниот ден, не би сакал да навлегувам во деталите, за да не влијаам на постапката, верувам во системот на институциите, сѐ она кое е пријавено, СВР Штип го има веќе како детали, ќе имаат подетална информација за самиот насатн. Станува збор за вработенио лице во Општина Штип кое во минатото е познато на полицијата по вакви случки, така да оставам на институциите да ја утврдат состојбата.“ – вели Јорданов.

Настанот го потврдија и од полициската станица. Од таму велат дека се работи на расчистување на случајот.

„На 21.03.2023 во 22.45 часот во Полициската станица Штип, И.Ј.(35) – Градоначалник на Општина Штип, пријавил дека Ј.М. од Штип, вработен во Општина Штип, во неколку наврати во последните неколку месеци му упатувал закани. Според пријавеното, околу 19.40 часот гумите на службеното возило, кое го користел И.Ј., од страна на Ј.М. биле исечени. Се работи на расчистување на случајот.“ – велат од СВР Штип.

Инаку, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, првиот ден откако седна во градоначалничката фотелја се откажа од службените возила.

Лаура Стојанова М-Нет