
За два пати одземена дозвола во четири години, повторно ќе се полага возачки испит, пешаците, моторџиите и велосипедистите, кои пак ќе користат слушалки, смарт часовници или мобилен телефон ќе се казнуваат со казни од 50 евра. Македонија на пат кон достигнување европски стандарди, ја заострува казнената политика за сообраќајните прекршоци. Насмевни се, сликај се и – плати казна е често користена реченица, која ќе важи и во Македонија. Возачите кои сториле сообраќаен прекршок ќе добиваат електронски линк со фотографија и платен налог. Снимките ќе се чуваат 6 месеци, освен ако не служат како докази во кривична или прекршочна постапка. Според правилноста на судската пресуда за одземање возачка дозвола, судот добива задолжение во рок од две недели да ја информира полицијата дека на возачот му е изречена забрана за управување. МВР за тоа ќе информира по електронски пат, со текстуална порака на мобилниот телефон или на електронска адреса, со известување дека осмиот ден од денот на испраќањето ќе почне изречната забрана.
Минувањето на цревено светло на семафор, освен со казна од 300 евра, во иднина ќе се казнува и со одземање на возачка дозвола за најмалку три месеци, со што Македонија ќе биде меѓу европските земји со најстроги казни.
,,Пешакот е должен кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред, со кои би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или лента“, се вели во законот.
Инаку, Норвешка има најстроги казни во Европа за минување на црвено светло, со минимална глоба од 756 евра. Во Германија, пак, казната започнува од 90 евра, но може да достигне до 360 евра, зависно од последиците и ова се некои од најстрогиоте казни во Европа за овој вид сообраќаен прекршок.
Иван Митев, М-Нет