Д-р Анѓушева: Високиот крвен притисок е тивок убиец, на десет лица, шест имаат хипертензија

Стресот, пушењето и нездравите навики се надворешните ризик фактори за хипертензија. Кардиологот д-р Тања Анѓушева вели дека на внатрешните наследни фактори не можеме да влијаеме, но она на што можеме да делуваме е и многу поштетно. Праксата покажува дека од десет кај шест луѓе има хипертензија, што значи дека статистиката со право го става високиот крвен притисок на врвот на листата на здравствени ризици.

„Внатрешните ендогени ризик фактори се наследните фактори коишто ние ги носиме со нас и не можеме да ги смениме, меѓутоа надворешните ризик фактори се тие на коишто можеме да делуваме. Обезноста, неправилниот начин на исхрана, седечкиот начин на живот се едни од главните ризик фактори. Ризик фактор е и пушењето, кое, за жал, е многу присутно и кај помладата популација, стресот во голема мера придонесува“, вели д-р Анѓушева.

Токму релаксацијата, консумирањето здрава храна и откажувањето од пушење е она што треба да се направи за да го подобриме нашето здравје, посочува д-р Анѓушева.

„Пред сѐ, здрава храна, здрав живот, да се прекрати со пушење, да се обрнува внимание многу на хигиената, да се избегнува брза храна, мрсна храна, да се вратиме малку кон природата, прошетки, пешачења, спортски активности… Тоа е она што индиректно делува и за релаксација и ослободување од стресот, а воедно директно ни го подобрува нашето здравје“, советува д-р Анѓушева.

За да не се продлабочи проблемот и навреме да се реагира, потребни се чести прегледи, особено кај вработената популација. Праксата, вели д-р Анѓушева, покажува дека ова сѐ почесто го прават младите, што е позитивен пример.

„Затоа треба да се прават редовни т.н. систематски прегледи коишто за вработената популација треба да бидат организирани еднаш годишно. Покрај тоа што се прави редовен преглед на ЕКГ, се мери крвен притисок, се прави ехокардиографски преглед, треба да се направи и контрола на крвна слика, да се види колкави се маснотиите во крвта. Скринингот е најдобрата превенција на несаканите ефекти на кое било заболување, а особено на хипертензијата“, заклучува Анѓушева.

Високиот крвен притисок се смета за тивок убиец, нема тегоби, а полега го грицка здравјето на организмот. Кога пациентот станува свесен, веќе има болно срце, пореметување на видот и пореметување на бубрезите.

Ребека Спасова М-Нет