Граѓани реагираат за недостаток од инсулин во Штип, директорот на КБ Штип вели има замена

На недостаток од инсулин реагираат граѓани на Штип. Објаснуваат дека дијабетичари се оневозможени да купат инсулинска терапија оти истата во Штип не е достапна. Некористење на истиот за нив би значело влошување на здравствената состојба или принуда да се снајдат како знаат и умеат. Меѓутоа, директорот на КБ Штип, д-р Ален Георгијев, потрдува дека недостаток од инсулинска терапија има, но само од еден вид, што значи дека пациентите не се оставени без инсулин.

„Пациентите кои имаат потреба од инсулин не се оставени без инсулинска терапија, туку во моментов не е достапен само еден вид инсулин. Има други два заменски видови инсулин кои по потреба им се препишуваат на пациентите. Знаете дека набавката на инсулин доаѓа од Скопје, се надевам дека ќе го добиеме во најбрз можен рок, но точно кога – не знам. Промените коишто се случуваат на централно ниво, најверојатно, влијаат врз набавката на овој тип инсулин, но ќе повторам уште еднаш, пациентите не се оставени без инсулинска терапија.“ – истакна д-р Георгијев во телефонски разговор за М-Нет Телевизија.

Инаку, освен промените во Министерството за здравство, хаос се случува и во Фондот за здравство откако на 7 февруари системот беше мета на хакерски напад. Доцни исплатата на пари за јануари од породилните остуства, боледувањата и рефундациите за лекови, плата за јануари немаат земено ниту сите вработени во јавно-здравствените установи, a не се ни знае кога ќе земат. Фондот соопшти дека системите полека се враќаат во функција, што е процес кој одзема дополнително време, но на кој се работи во континуитет.

„Приоритет е враќањето на функционалноста за исплатите на платите на здравствените работници во Јавните здравствени установи како и враќање на системите на исплата на боледувањата, породилното и рефундациите. Правото на здравствена заштита на граѓаните не е загрозено, лекувањата, упатите за прегледите и боледувањата, издавањето на рецепти од страна на матичните лекари, како и издавањето на лекови на граѓаните се одвива непречено и граѓаните без застој можат да ги користат овие здравствени услуги. Усогласени се и решенија за остварување на правото на ортопедски помагала. Подрачните служби на Фондот во континуитет ги примаат барањата. Покрај ова, Подрачните служби се достапни и телефонски преку јавно објавени линии за информации за осигурениците, на кои истите можат да се обратат и да добијат информации во врска со сите решенија кои се усогласени со матичните лекари а преку кои осигурениците можат да ја остварат здравствената заштита.“ – велат од Фондот за здравство.

Оттаму потсетуваат дека анализата на експертските технички тимови утврдила дека при сајбер нападот нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот.

Ребека Спасова М-Нет