Струга даде шест гола за едно полувреме, Радески со хет-трик го „потопи“ Арсими

фото: ФК Струга

Струга Трим Лум приреди вистинска голеада во второто полувреме и со убедливи 6:0 го совлада Арсими во претпоследниот натпревар од осмото коло во Првата македонска фудбалска лига.

Ништо по првите 45 минути не навестуваше ваков епилог. На паузата мрежите мируваа, но во продолжението стружани беа незапирливи и постигнаа дури шест погодоци. Херој на натпреварот беше Марјан Радески со хет-трик.

Домаќините ја имаа иницијативата и во првиот дел. Радески се закани во 15. минута, а седум минути подоцна Струга ја затресе мрежата, но погодокот по подолга ВАР-проверка беше поништен поради офсајд. Христијан Малески имаше две добри можности до паузата, но голманот Дејан Силјановски и непрецизноста на домашните го сочуваа резултатот 0:0.

Отпорот на Арсими беше скршен во 57. минута. Радески шутираше од околу 17 метри, а по несигурната реакција на Силјановски топката заврши во мрежата за 1:0.

Само пет минути подоцна гостите останаа со фудбалер помалку откако Мислими го заработи вториот жолт картон. Струга максимално ја искористи бројчаната предност.

Во 67. минута Меметриза Хамза нафрли од левата страна, а Радески со глава го постигна својот втор гол. Само две минути подоцна Алтин Алији погоди за 3:0, а во 75. минута Радески со одличен удар го комплетираше хет-трикот и практично го реши победникот.

Стружани не застанаа ниту тука. Флоријан Рочи во 80. минута го постигна петтиот погодок, а капитенот Буњамин Шабани во 88. минута со удар од дваесетина метри ја стави точката на убедливото издание за конечни 6:0.

Струга Трим Лум на тој начин со спектакуларни 45 минути стигна до убедлив триумф, додека Арсими по исклучувањето целосно попушти пред налетите на домаќинот.