
Здружението „Гласен Текстилец“ упати јавен повик до Министерството за здравство и до останатите надлежни институции да донесат итни препораки и мерки за заштита на граѓаните од актуелниот топлотен бран.
Од здружението посочуваат дека и оваа година се принудени да ги потсетуваат институциите на нивната законска и институционална обврска навремено да реагираат за заштита на здравјето на населението, особено во услови на екстремно високи температури.
Тие бараат без одложување да бидат прогласени соодветни мерки за заштита на најранливите категории граѓани, меѓу кои бремените жени, повозрасните лица, хронично болните, како и работниците кои работат на отворено и се директно изложени на високите температури.
„Гласен Текстилец“ предупредува дека топлотните бранови не се само временска појава, туку претставуваат сериозен ризик за здравјето и безбедноста, особено за лицата кои секојдневно работат во тешки услови.
Воедно, здружението апелира до надлежните институции да не чекаат последен момент, туку навремено да излезат со јасни препораки, мерки и обврски за работодавачите, со цел да се обезбеди соодветна заштита на работниците за време на екстремните горештини.