
Македонските ракометни суперлигаши продолжуваат со ангажирање на нови засилувања за следната сезона. Меѓу поактивните околу кроењето на ростерот за новата сезона е РК Бутел Скопје, кој во иднина ќе го предводи Стојанче Стоилов, a кој ја продолжи соработката со Дејан Михајловиќ, двете страни се договорија за продолжување на соработката до 2028 година. Михајловиќ беше еден од најдобрите стрелци минатата сезона за скопскиот суперлигаш.
Во Бутел Скопје останува и Бојан Спасовски, кој исто така стави потпис на договор до 2028 година, се работи за еден од ракометарите со најдолг стаж во Бутел Скопје.
Марко Богдановски е ново засилување на Бутел Скопје, кој доаѓа од редовите на шампионот Вардар, каде мина две и пол години, откако направи трансфер од Аеродром. Тој сега ќе формира голманско трио со Градимир Чаневски и Атанасиј Трсунов.
25-годишниот голман потекнува од редовите на Металург, а беше дел и од Јуниор Кисела Вода и Голден Арт, а со Вардар минатата сезона ја освои двојната круна.
Чаневски пристигна од редовите на Охрид и сега одново ќе ги брани боите на Бутел Скопје. Бутелци добиваат искусно име меѓу стативите, Чаневски низ неговата кариера беше дел од Металург, Вардар, Вардар Јуниор, Еурофарм Пелистер, како и Охрид, а меѓународна кариера градеше во Израел.
Новиот суперлигаш Младост од Богданци се засили со 20-годишниот Мартин Иванов, се работи за млад десен крилен играч кој доаѓа од редовите на МРК Куманово. Иванов заедно со Ѓорѓе Атанасов треба да донесат брзина и да бидат освежување на крилната позиција.
Претходно, Мартин Стојановски кој има 17 години го потпиша првиот професионален договор со Младост, со што тимот од Богданци мисли на иднината. Тимот од Богданци го промовираше и искусниот пивот Владимир Бојаниќ кој доаѓа од редовите на Охрид. Се работи за искусен играч кој ќе биде огромно засилување за тимот кој го води Горан Андоновски.
Тимот на Андоновски се засили и со тунискиот ракометар Ахмед Мајдоуб, 23-годишен ракометар кој настапува на десната бековска позиција. Младост го врати и голманот Благој Панов, кој е роден 2004 година, а пак Никола Тасев кој игра како лев и среден бек потпиша прв професионален договор со Младост.
Искусниот голман Живојин Илиќ останува во Младот, а ново име е Славе Јанковски, левото крило кое има 26 години доаѓа од Радовиш.
Клубот од Богданци ја продолжи соработката со искусниот Даниел Андоновски, а се засили и со Тодор Узунчев.
Екипата на Бутел Скопје во рамки на првото коло од новата сезона ќе се соочи со Младост Богданци.
Александар Ванев, М-Нет