Второлигашот Шкупи ги започнува подготовките, со нов сопственик и наследени долгови, фокус на играчи од академијата

ФОТО: ФК Шкупи | АРХИВА

Второлигашот Шкупи со нов сопственик и долгови, в среда ќе ги започне подготовките за новата сезона, каде фокусот ќе биде на млади играчи од академијата. Ланскиот прволигаш и поранешен шампион на Македонија зад себе имаше катастрофална сезона, со многу лоши резултати, освоен само еден бод во текот на целиот шампионат, сезона со турболенции и блокади за трансфери од УЕФА.

Од клубот посочуваат дека по долг период на работа за стабилизирање на клубот и решавање на сите проблеми, конечно доаѓаат подобри денови. Сопственик во целост на клубот е Беким Бафтјари. Но, сепак посочуваат дека пред новото раководство ќе има многу работа, а една од нив е ситуацијата со наследените долгови, што ќе биде вистински предизвик и ќе бара време за решавање на овој проблем.

Во новата сезона која започнува на 15 август Шкупи ќе се фокусира на играчи од својата академија, а притоа од клубот посочуваат дека вратата е отворена за секој кој сака да помогне и да даде свој придонес во овие тешки денови за клубот.

Новата сезона Шкупи ја отвара против Детонит Плачковица од Радовиш на домашен терен.

Александар Ванев, М-Нет