
Македонскиот футсал шампион Проект ги започна подготовките за новата сезона, во која тимот од Јосифово ќе има за цел да ја одбрани двојната круна, но притоа фокусот ќе биде насочен кон европските предизвици односно квалификациите за Лигата на шампиони.
Клубот го задржа костурот на тимот од ланската сезона, а притоа се засили и со искусниот Александар Коцев, со што квалитетот се подига на поголемо ниво. Минатата сезона Проект без ниту еден пораз и без ниту едно реми ја освои двојната круна, на тој начин клубот испиша голема историја.
Во квалификациите за Лигата на шампионите екипата на Проект ќе биде во групата А, каде ќе игра против Атлети Грац од Австрија, Врхника од Словенија и Макаби Нетанија од Израел, каде победниот од групата ќе обезбеди пласман во главната рунда, која треба да се игра од 27 октомври до 1 ноември годинава.
Инаку, мечевите од првата квалификациска рунда за Лигата на шампиони ќе се играат во Австрија, во период од 25 до 30 август.
Александар Ванев, М-Нет