
И кочанската болница на повеќето одделенија едвај се снаоѓа со медицински кадар. Ситуацијата е најсериозна на Гинеколошкото одделение, каде има само еден гинеколог. Вработените заминуваат во пензија, но многумина од нив се и на специјализација. Директорката Душанка Георгиева-Трпевски вели дека во последнава година имаат вработено повеќе лица. Годинава поднела барање кое е позитивно одобрено од Министерството за здравство, а кое предвидува вработување на двајца доктори, четири медицински сестри, два лаборанти, две хигиеничарки.
„Позитивната слика е тоа што од 2018 година имаме доста вработувања. Има вработено речиси 16 доктори, околу 20 медицински сестри, шофери, хигиеничарки итн. Само во декември 2022 година ние имавме 29 вработувања“, вели директорката Георгиева-Трпевски.
Ситуацијата би требало значително да се подобри во 2024 година, кога од специјализација се враќаат најмалку десет доктори. Планот за вработување за 2024 година, пак, кој исто така е одобрен од МЗ, предвидува околу 15 вработувања, четворица нови доктори, шест медицински сестри, четири хигиеничарки, лаборанти, рендген техничари и слично.
„Луѓето заминуваат во пензија и нормално е дека имаме недостаток. Поднесовме за 2023 година план за вработување, одобрен е, а поднесовме план и за 2024 година. Оваа година 12 медицински сестри заминуваат во пензија, соодветно поднесовме барање за да може да ги екипираме одделенијата. Имаме 15 доктори коишто се на специјализација, генерално, од сите одделенија. Една докторка – специјалист по физикална медицина, минатата недела ни се врати. Оваа година чекаме и докторка по рендгенологија. Ја очекуваме и докторката по ОРЛ, специјалист, во септември, се враќаат четворица интернисти на специјализација, а имаме и четворица гинеколози. Во моментов знаеме сите дека гинекологија е со еден гинеколог“, додава директорката Георгиева-Трпевски.
За рендгенологија кочанската Општа болница бара помош и од штипската Клиничка болница. Шестмина рендгенолозија од Штип ја покриваат втората смена, а доколку има потреба и за друго одделение, вели Георгиева-Трпевски, штипската Болница излегува во пресрет.
Ребека Спасова М-Нет