
Денес се одиграа натпреварите од последното 15. коло од Втората македонска фудбалска лига.
Гледачите на телевизија М Нет во последното есенско коло го проследија дуелот на “Цвај Арената” во Неготино каде во дуелот за трите бодови се соочија Вардар и последнопласираната Каменица Саса, меч кој заврши со минимална победа од 1:0 за домашниот тим.
Во првиот дел домаќинот беше поконкретен имаше повеќе сериозни шанси и правеше голем притисок за да постигне водечки гол. Вардарци прокоцкаа и пенал, откако Димовски не реализираше бидејќи неговиот удар беше прочитан од Герасимовски.
На полувреме резултатот во Неготино беше 0:0.
Во 66. минута Бафто одново покажа на белата точка за домашниот тим, овој пат одговорноста ја презеде Зумровски кој биеше над голот со што Вардар прокоцка втор пенал.
Отпорот на “рударите” од Македонска Каменица беше срушен во 74. минута кога Флорент Османи ја стресе мрежата за водство на Вардар од 1:0, а тоа предизвика ерупција на трибините на “Цвај Арената” во Неготино. До крајот на мечот Саса се обидуваше да израмни, но Вардар го сочува минималното водство за голема победа.
Лидерот Беса со победа ја затвара есенската полусезона откако со 3:1 го доби ланскиот прволигаш Победа.
Прилепчани продолжуваат да тонат и во пролетниот дел ќе водат борба за сигурен и директен опстанок во Втора лига.
Фитон Адеми беше двоен стелец за домашниот тим, а искусниот Изаир Емини беше стрелец на третиот гол, за гостите од Прилеп единствен стрелец беше Беким Алимоски.
Во дуелот за излез од резултатската криза на Тетекс и Башкими конечниот исход беше реми без голови (0:0) и поделба на бодовите.
Во Струга се соочија Караорман и Детонит Плачковица во меч каде радовишани беа фаворити за трите бодови, но потешко од очекуваното ја оправдаа истата, откако отпорот на домашниот тим кој е претпоследен на табелата беше скршен во 81. минута кога Аљбан Мемеди погоди за конечни 0:1.
Кожуф со 2:0 го доби дуелот со Охрид на домашен терен и со триумф го затвара есенскиот дел.
Резултатот беше отворен од белата точка од каде сигурно реализираше Бојан Иванов за 1:0 на полувреме. Во финишот на вториот дел Ангел Кочев ги постави конечните 2:0.
Скопје со 2:1 го доби Новаци на домашен терен. “Пиратите” имаа водство од 2:0 со погодоците на Попоски и Даци, а гостите преку Стојковски ги поставија конечни 2:1.
Арсими со 2:1 ја доби Беласица, со што старо новиот тренер на струмичката гордост, Александар Стојанов со пораз ја започна новата етапа како шеф на стручниот штаб.
По 0:0 во првиот дел во второто полувреме Гугуљанов погоди за 0:1 во 64. минута, а три минути подоцна Шуку погоди за 1:1.
Во судиското надополнување Ајдарин Цуцули погоди за конечни 2:1 и голема победа за екипата од Арсими предводена од Вилдан Салиу.
Пелистер преку пресврт со 2:1 го доби Осогово на домашен терен. “Жетварите” од Кочани преку Драган Паунов први дојдоа до водство од 0:1 во 11. минута, а Дарко Размоски во 34. минута израмни на 1:1.
На стартот од вториот дел Бојан Спиркоски погоди за конечни 2:1 со што трите бодови останаа во Битола, а Осогово во Кочани се враќа без бодови.
АВТОР: Александар Ванев