Вработени во ЈП „Солидарност“ Виница три месеца без плата, надлежните велат ќе има денес

Вработени во виничкото јавно претпријатие „Солидарност“ неколку месеци без плата. Со реакција до нашата редакција велат дека дел од нив оние кои работат со договор на дело плата немале од октомври, додека останатите редовно вработени последната плата ја зеле за месец ноември. Ваквата ситуација според нив е повеќе од алармантна, и додаваат дека ако нема плата наредната недела својот револт ќе го искажат преку штрајк.

Дали навистина е ваква ситуацијата во Јавното претпријатие „Солидарност“ го прашавме директорот Игор Спасовски. Во телефонски разговор за М-Нет телевизија посочи дека хонорарците плата на сметка ќе имаат денеска.

„Половина плата на вработените на договор на дело им беше пуштена на сметка пред Нова Година, другата половина е веќе пуштена и денеска ќе ја имаат на своите сметки. Тоа е плата за месец октомри. Редовно вработените плата за месец ноември ќе добијат до крајот на овој месец“ – истакнаа од самото претпријатие.

Јавното претпријатие „Солидарност“ Виница подолг временски период се наоѓа во тешка економска криза. И претходно на сметка на вработените легнуваа по само 100 денари. Пред два месеца пак, преку структурна обврзница Општина Виница се обиде да го спаси претпријатието од тешката криза. Обврзницата беше со вредност од 2,5 милиони денари и се издава на десет години.

Лаура Стојанова М-Нет