
Амбициозниот второлигаш Воска Спорт од Охрид денес ги започна подготовките за пролетниот дел од Втората македонска фудбалска лига.
Берат Имери и неговите помошници денес ја имаа првата прозивка и го означија стартот на подготовките, а беше одработен и првиот тренинг во 2023 година. Воска Спорт во пролетниот дел влегува со единствена цел – историски пласман во Првата македонска фудбалска лига.
Воска Спорт за пролетниот дел до овој момент се засили со искусниот Ермедин Адем, искусниот голман Хадис Велии, одбранбениот играч Оливер Христов, дефанзивниот играч за врска Арион Зиба, напаѓачите Фитон Адеми и Ујкан Муча.
Сепак, како што дознава телевизија М Нет, во следените денови Воска Спорт ќе претстави уште неколку засилувања со кои охридскиот второлигаш во пролетниот дел ќе атакува на првите две места кои директно водат во Прва лига.
Што се однесува до подготовките Воска Спорт ќе се подготвува во Охрид, а ќе бидат одиграни и неколку пријателски натпревари, за кои клубот ќе информира во следните денови.
Воска Спорт презими на третото место на табелата со 34 освоени бодови, два помалку од второпласираниот Вардар и три помалку од непоразениот лидер Гостивар.