Есенскиот шампион Струга Трим Љум ги започна подготовките со едно засилување

Есенскиот шампион Струга Трим Љум ги започна подготовките за пролетниот дел од Првата македонска фудбалска лига.

Струга ја имаше најдобрата полусезона како прволигаш, откако заврши на првото место на табелата, а во пролетниот дел влегува во обид да испише историја, односно да стане најмладиот прволигаш кој стигнал до историска титула во Првата македонска фудбалска лига.

Срѓан Захариевски денес го имаше првиот собир со неговите фудбалери, а беше одработен и првиот тренинг. Од денес до 24. јануари тимот ќе се подготвува во Струга, а потоа екипата ќе замине во Анталија, каде ќе остане на турско тло до 5. февруари, а каде ќе бидат одиграни четири контролни натпревари. Пред заминувањето за Анталија, Струга ќе се тестира со второлигашот Охрид.

Ново засилување до овој момент во Струга е Меџит Незири, додека пак тимот го напушти само Дарко Илиески, кој се врати во Шкупи.

Струга е на врвот со 37 бодови, но има меч повеќе од Шкупи кој е втор со 34 бодови, а во трката за титулата ќе се вмеша и Шкендија која е трета со 28 бодови.

Есенскиот првак Струга пролетниот дел го отвара на 19. февруари против Тиквеш во Кавадарци.