
По револтот на родителите во двете основни училишта во општините Лозово и Конче, Министерството за образование и наука најавува вонредна контрола во понеделник, по обвинувањата дека ученици неправедно повторувале година, наводно по етничка основа. Од училиштата ги отфрлаат наводите и тврдат дека оценувањето е спроведено согласно пропишаните критериуми и процедури. Министерката Весна Јаневска вели дека институциите нема да се потпираат на изјави од која било страна, туку на фактичката состојба. Државниот просветен инспекторат ќе изврши надзор, а ќе се проверува и електронскиот дневник за да се утврдат сите релевантни податоци.
,,Дефинитивно, тоа е и работа на министерство. Ние не можеме да се базираме на на изјавите на едните или на другите, треба да ја видиме фактичката состојба. Уште во понеделник државниот просветен инспекторат ќе оди на вонреден надзор во двете училишта, по доставениот извештај и ќе можеме да ја утврдиме фактичката ситуација. Дополнително имаме и е-дневник, ќе го провериме и е-дневникот и ќе имаме реални сознанија за тоа што се случува.“, вели Јаневска
На прашањето за случајот со наставничката по англиски јазик, која по изјавата на родител побарала интервенција од полицијата, министерката Јаневска вели дека ќе се побараат информации од МВР за да се утврдат околностите.
,,За ова не знам, првпат слушам, но претпоставувам дека наставничката пријавила нешто за што била навредена, нападната или т.н. Тоа се интерперсионални односи и претпоставувам дека полицијата постапува така како што треба, по сите правила, по кои што треба да постапува полицијата. Ќе побараме информации за тоа што се случува, тука не можеме ние да интервенираме, но бидејќи станува збор за училиште, ќе замолиме МВР да ни дадат информација што се случило, ако не е доверливо и може да ја споделат со нас.“, додаде Јаневска
Родителите од Лозово и Конче тврдат дека нивните деца неправедно повторувале година и дека не биле навремено информирани за одлуките за успехот. Од училиштата, пак, ги отфрлаат обвинувањата и наведуваат дека постапките се спроведени согласно законските процедури и пропишаните критериуми. Во понеделник се очекува Државниот просветен инспекторат да спроведе вонреден надзор, по што ќе бидат познати повеќе детали за случајот.
Иван Митев, М-Нет