
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска треба да го започне вонредниот инспекциски надзор за смртта на деветгодишното дете од Свети Николе, кое во вторникот почина на Детската клиника во Скопје. Од ДСЗИ велат дека по завршување на надзорот, јавноста ќе биде известена.
Надзорот за лекувањето на детето ќе се врши на три места – почнувајќи од матичниот лекар, Клиничка болница – Штип и на Клиниката за детски болести во Скопје.
Од Клиниката за детски болести истакнаа дека детето било примено во екстремно критична состојба, со тешка дехидрација, со профузни течни столици и повраќања на крвава содржина. Тоа веднаш било згрижено од тим специјалисти и доктори на интензивна нега, направени анализи и утврдено пореметување на електролитни вредности, тешка ацидоза и дехидрација, како и респираторно и срцево попуштање. Од приемот на детето на клиниката, по два часа и покрај максималните напори на тимот специјалисти, настанал летален исход, велат од болницата.
Инаку, детето било упатено на Клиниката од КБ Штип од каде информираат дека истиот ден во 18 часот било донесено во тешка општа состојба со засегната свест, веднаш биле реализирани биохемиски иследувања и КТ на глава и поради тешката состојба со медицинска придружба во 19 часот детето е транспортирано до Клиниката за детски болести.
Лаура Стојанова М-Нет