Волонтерите од Црвен Крст Кочани пружат помош на граѓаните

Температурите од портокаловата алертна фаза продолжуваат и овие два дена. Со тоа продолжуваат да важат и препораките на Владата за превенција на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението. Од таму велат дека е потребно да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, како што се:

-Ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, вклучувајќи ги бремените жени и лицата на возраст над 60 години;
-Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот;
-Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на РСМ и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници;
-Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Од организацијата на Црвениот Крст Кочани велат дека се преземаат мерки и активности за помош на граѓаните во услови на вакви енормно високи температури. Нивните волонтери активно се на терен на најфреквентните места во градот.

„Денеска волонтери од нашата општинска организација на Црвен Крст Кочани делеа флаширана вода на населението и, секако, даваа совети за заштита од топлотниот бран кој овие денови ја зафати нашата држава. Нашите волонтери беа присутни на централните улици во Кочани, пред банките, во градскиот парк и даваа вода на случајните минувачи“, рече Анета Коцева од Црвениот Крст Кочани

Волонтерите ќе бидат активни и утре, кога во Кочани е пазарен ден, имајќи ја предвид големата фреквенција на луѓе во тој дел од градот.

„За утре, четврток, планирана е иста ваква акција, делење на флаширана вода, да се одвива на градскиот пазар, затоа што овде се очекува поголема фреквенција на граѓани што го посетуваат градскиот пазар. Исто така, во делот на старите лица имаме повици од стари лица на кои им е потребна набавка на лекови и на други намирници, така што наши тимови ги посетуваат и ги прават потребните набавки на оние кои ни се јавуваат и имаат потреба од тоа“, додаде Коцева. Изјава од 01:25 (за утре) до 02:04 (сето тоа)

Од Црвен Крст Кочани велат дека тие постојано имаат активен пристап, пружат помош и делат флаширана вода во централното градско подрачје. Сè додека дозволуваат условите и додека има потреба ќе се вклучуваат со вакви акции.

Препораките на Владата се на сила денес и утре со оглед на тоа што од УХМР велат дека температурите ќе бидат енормно високи до четврток.

Лаура Стојанова МНет