
Детектирани 363 законски повреди кон животната средина во првата половина од годинава. Ова денеска го соопшти директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, на прес – конференција. Во споредба со минатата година, бројот на законски повреди е зголемен за 203%. Покренати се 43 прекршочни постапки, од кои 36 санкции се глоба-платен налог, а исто така покренати се 2 кривични постапки.
„Едната кривична постапка е за посипување далјан, другата за палење трска во Струга. Платните налози, пак, се со различни причини. Значи, голем дел од платните налози се изречни за отстапување од водостопанските дозволи, односно неплаќање на надоместоци за водни услуги од страна на комуналните претпријатија. Понатаму, сме имале спогодување со АД Водостопанство во насока да се регулираат речните корита, за коишто порано беа издавани дозволи за регулација на речно корито, а не се вршеше истата, туку само копање на песок“, рече Ана Петровска, директорка на Државен инспекторат за животна средина.
Како што рече директорката, висината на глобите зависи од видот на прекршокот. Најниска изречена глоба е 3000 евра, а највисоката глоба е 20 илјади евра.
„Тоа е случајот со запалената депонија во Росоман, запалената депонија во Велес, па бевме на терен во Гевгелија. Знаете дека таму гореше депонијата. 20 000 евра, пак, е изречена за една оранжерија во Градско. Тука имавме една информација пред два дена, чинам. Државен инспектор беше добил пријава дека е излеано мазут во Вардар и тој постапи по пријавата“, истакна директорката.
И покрај големиот број вонредни надзори, во првото полугодие во 2021 година реализирани се 741 наспроти 749 редовни надзори од истиот период во 2020 година, што е намалување од 1%. Ваквата бројка се должи на тоа што во инспекторатот има само 19 инспектора, а намален е бројот на активни инспектори на терен.
„Еден инспектор е на неплатено отсуство од април. Еден инспектор е суспендиран заради сомнеж за поткуп и еден инспектор од вкупно шест месеци пет месеци бил на боледување“, рече Петровска.
Од Инспекторатот додаваат дека продолжуваат со редовните и вонредните контролни надзори за поголема казнивост на загадувачите.
Лаура Стојанова МНет