
ЈП „Исар“ ќе набави половно возило, а сите возила ќе добијат „ГПС“ уреди. На вчерашната расправа за буџетот на советничките прашања од опозицијата, в.д. директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, истакна дека јавното претпријатие согласно со финансиската состојба нема да може да набави ново возило. Сепак, ќе се бара што пофункционално возило, кое ќе може да одговори на потребите.
„Ќе настојуваме во тендерската документација да биде наведено рок на сервисирање и купување на поволно возило до 1 500 000 денари, предвидени во програмата, кое нема да биде многу старо и ќе може да не опслужува. Ќе биде добро да набавиме ново возило, но, за жал новите багери за чистење чинат околу 7-8 000 000 денари, па и да го предвидеме нема да бидеме во можност да го набавиме со сопствени средства. Доколку обезбедиме средства од фондови, можна е измена на програмата во тој дел.“изјави Трајче Здравков, в.д. директор на ЈП „Исар“.
Со набавката на „ГПС“ системите, пак, предвидено е да се усогласат движењата на возилата и да се контролира извршувањето на услугите кон граѓаните, со што, како што додаде Здравков, би се избегнале и одредени манипулации.
„Со набавката на „ГПС“ и набавка на сонди заедно со нив, најпрво ќе ги усогласиме рутите на движење на нашите возила. Ако се усогласат за оптимално движење возилата при собирањето на смет, како и другите возила со кои располага ЈП „Исар“, сметаме дека ќе се намали потрошувачката на гориво. Некои рути, од една до друга страна на градот, кои не се функционални, ќе бидат оптимизирани. Има луѓе кои ќе одредуваат која е најкратката рута за движење при собирање на сметот. А со „ГПС“ системот доколку се набават и сонди, кои ќе се постават во камионите, во секој момент ќе имаме увид колку гориво има секое возило, така да ќе се заштитиме од евентуални манипулации со тоа.“додаде Здравков.
Опозицијата постави прашање и за нивното одржување, за што би требало да се одвојат дополнителни финансиски средства. На што Здравков одговори дека за секоја наредна година ќе се распишува јавна набавка за оператор кој ќе го одржува системот.
Во програмата на ЈП „Исар“ за 2022 година се наведени и набавка на други теренски возила, но Здравков истакна дека истите би се набавиле само доколку се добијат финасиски средства при аплицирање на одредени фондови.
Освен ова, некои од проектите на јавното претпријатие за 2022 година се: селекција на отпад, обнова на водоводната линија во нас. Македонка, две поголеми зелени површини во населбите Осми ноември и Сењак 3, како и обнова на постоечката во населба Баби.
Лаура Стојанова МНет