
Опаѓа бројот на хоспитализирани во штипската болница, кочанското ковид – одделение затворено. Последната статистика на Клиничка болница Штип покажува 20 хоспитализирани ковид – позитивни пациенти. Од нив 12 се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка, а четворица се вакцинирани. Во изминатото деноноќие оздравени и испишани се двајца, а новопримен е еден. Починало едно лице на 74 годишна возраст од Штип. На Инфективното одделение има 35 слободни места и уште две во дневната болница, а согласно со потребите Кожното одделение кое работеше како ковид – оддел е затворено, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
Затворено е и кочанското Интерно одделение кое работеше како ковид – оддел, со оглед на тоа што изминативе неколку дена таму нема ковид – позитивни лица кои имаат потреба од болничко лекување.
Според информациите од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа регистрирани се 396 нови случаи на Ковид-19, што е 8% од вкупниот број направени тестирања. Оздравени се 207 пациенти, а починале 14 лица.
Во градовите од Источниот регион активни се 217 случаи на Ковид – 19. Најмногу во Штип и Кочани, 87 односно 52, а најмалку во Печево, само еден активен случај на Ковид – 19.
Досега во земјата се направени вкупно 1.586.033 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 224.134, бројот на оздравени пациенти е 211.228, на починати е 7.935, а бројот на активни случаи изнесува 4.971.
Лаура Стојанова МНет