Советниците од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата во Штип делат пакети на социјални семејства

Советниците од советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата денеска и утре ќе делат пакети на социјално ранливи категории семејства. Имено, советниците од ВМРО ДПМНЕ во Штип одвоиле средства од нивните паушали и подготвиле пакети, со кои радост ќе се внесе и во семејствата на кои им е најпотребно сега пред новогодишните и божиќни празници. Станува збор за основни намирници храна, како и средства за хигиена.

„Советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија, по повод новогодишните и божиќните празници, организира хуманитарна акција. Издвоивме одреден процент од својот паушал за претходниот месец за хуманитарни пакети, кои во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат дистрибуирани до нашите сограѓани со надеж дека ќе помогнеме овие празници да ги поминат подобро. Пакетите содржат основни прехрамбени продукти и средства за хигиена кои ќе бидат дистрибуирани до сограѓаните за кои имаме сознание дека се во незавидна ситуација и имаат потреба од нив.“изјави Душко Иванов, координатор на советничка група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата

Со оваа хуманитарна акција се враќа насмевка на лицата и кај граѓаните кои не можат да си дозволат ниту скромна трпеза за празниците. Со овој хуман гест се покажува дека се мисли и на тие граѓани.

Во оваа прилика советниците од ВМРО ДПМНЕ Штип им ги честитаа новогодишните и божиќните празници на сите граѓани.

Лаура Стојанова МНет