Водици на температура од +15 степени, во штипско Ново Село крстот го фати Петар Мијалков

Петар Мијалков е среќникот кој го извади Светиот крст од водите на река Брегалница во штипско Ново Село. По неколку обиди, крстот конечно е во рацете на Мијалков, кој вели дека за него значи голема среќа.

Водите годинава се осветуваа на температура од +15 степени. Граѓаните велат дека толку топло време не паметат од годините наназад, а на среќниот фаќач на крстот и на сите останати граѓани посакуваат многу здравје и среќа.

Инаку, празникот Богојавление, меѓу народот познат како Водици, се слави во чест на крштевањето на Исус Христос, Синот Божји, во реката Јордан и објавувањето на Отецот Бог.

„На денешен ден Синот Божји се крсти од Јован во реката Јордан, духот во вид на гулаб слезе над Него, а, пак, Отецот посведочи од небесата велејќи „Ова е мојот возљубен Син на Кого е Мојата волја“. Овој празник се нарекува Богојавление, бидејќи се јави Светата Троица и нам ни го покажа патот кон спасението т.е. светото кршение“, вели отец Добрица Јанев.

Пред фрлањето на крстот, во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Ново Село се служеше литургија, каде традиционално се лицитираше крстот, кој оваа година достигна сума од 95.000 денари.

Ребека Спасова М-Нет