
19-годишниот Никола Трајчев беше најбрзиот кој годинава го извади Светиот крст од водите на река Брегалница во штипската населба Осми ноември. Ова е втора среќа за Трајчев, кој веќе двапати скока по крстот и кој рече дека се надева оти тоа ќе му донесе многу среќа.
„Надевам се дека оваа година ќе ми биде берикетна и среќна“, вели Трајчев.
Желби за многу здравје, благослов од Бога и успех во животот на Никола му упати и митрополитот на Брегалничката епархија, г. Иларион.
„Меѓу луѓето да завладее единство, љубов и разум. Овој празник е голем празник, Господов празник и, еве, денеска традиционално во градот Штип го фрливме крстот во водите на Брегалница.

На осветувањето на водите во населбата Осми ноември присуствуваа претставници и од локалната и од централна власт, а пораки за здравје и среќа упатија градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, вицепремиерката, Славица Грковска, и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
„Да има здравје, бериќет и напредок. Да се исправиме пред предизвиците, годината да биде поуспешна. Бог се јави! Нека е за многу години“, порача Јорданов.
„Мене ми е голема чест и задоволство овој голем христијански празник денес да го прославиме во Штип, сакам на сите да им посакам добро здравје, бериќет, успех, душевен мир. Да се водиме по принципите на тоа што Господ Исус Христос и христијанството го промовираат“, порача Грковска.
„Сакам да ја искористам оваа прилика да го честитам празникот на сите граѓани – христијани. И оваа година да имаме многу здравје, среќа, бериќет, успех, да правиме добри дела“, порача Бочварски.
Пред осветувањето на водите и положувањето на Светиот крст, светата литургија се служеше во градската црква „Св. Никола“.
Ребека Спасова М-Нет