Во приградската населба Три Чешми православните христијани ја чествуваа св. Злата Мегленска

Православните христијани денес ѝ оддават почит на светата Злата Мегленска. Чествувањето се одржа во црквата во штипската приградска населба Три чешми, а беше во организација на Здружението „Мирка Гинова“ во Штип. Поводот за одбележување е големата побожност на светицата, која е родена во Слатина, во Мегленската област од Егејска Македонија. Таа била кротка, побожна и мудра девојка со богобојазливо срце. На понудата да се потурчи, таа останала верна на Христос и покрај убедувањата на нејзините роднини.

„Денеска е голем ден за христијаните во Штип и штипско. Светицата Злата Мегленска е доста мачена за христијанството и за верата Божја. Во организација на Здружението „Мирка Гинова“ го правиме овој настан по третпат и се надеваме дека ќе имаме такви настани повеќе. Со овој настан се надевам дека луѓето ќе видат што ние правиме во Здружението“, истакна Стојан Димков, претседател на Здружението „Мирка Гинова“.

За присутните празникот значи оддавање слава на Бога, а повеќето на оваа литургија беа првпат. Си посакаа здравје, многу благослови и мир.

Одбележувањето беше вчера, во предвечерието на празникот, но и утринава со утринска литургија. Основната пренесена порака беше издржливоста и верноста на св. Злата Мегленска и покрај тримесечните измачувања.

Ребека Спасова М-Нет