
Доцни исплатата на платите во градинките. Според министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, доцнењето на платите е поради доцнењето на градинките со доставувањето на податоци за платите поради покачувањето од 15 проценти. Таа вели дека платите се потпишани вчера.
„Платите ги потпишав вчера. Доцнеа заради доцнењето на градинките со доставувањето на податоците за платите. Платите го подготвуваат стручните лица во самите градинки – сметководители, благајници што ги имаат во градинките, кои поради покачувањето од 15 проценти на платите на давателите на јавни услуги мораа да прават нова пресметка и наместо до 15., еве малку доцни“, рече Тренчевска.
Таа истакна дека вината не е во Министерството за труд и социјална политика, туку во самите градинки кои доцна доставиле пресметка на плата. Врз основа на нивните пресметки, ние го правиме електронскиот систем кај нас и ја праќаме платата во трезор, рече Тренчевска. Од друга страна, пак, дел од градинките не се согласуваат со ова. Директорката на ДГ „Вера Циривири – Трена“ во Штип, Ивана Ангеличкова, вели дека пресметките се навремено испратени. Новиот колективен договор е потпишан на 13 октомври, а следниот ден (петок) имаат добиено мејл за доставување податоци. Сите пресметки се доставени во понеделник, на 17 октомври.
Ребека Спасова М-Нет