Во две собички со болно дете и без пари – Трајанка од виничко Пеклани бара помош од хуманите граѓани

Трајанка Витанова од виничко Пеклани живее заедно со нејзиниот син кој е болен и не може сам да се грижи за себе. Во две соби, без купатило, со средства доволни колку за лекарства едвај врзуваат крај со крај. Нејзиниот син Иљо, пред четерисет години доживеал сообраќајна несреќа и оттогаш останува парализиран. Не може сам ниту да јаде, ниту да си свари кафе. Заради тоа потребна му е постојана нега и грижа. А, како што вели неговата мајка, пари имаат само за леб и лекови, и ако нешто се произведе во скромната домашна бавча за да се преживее месецот.

„Живеам во две соби, сакам купатило ама немам средства да го направам. Живееме сами со мојот син. Имам една бавча, живееме некако со помош на неа.“ – вели Витанова.

Трајанка посочува дека потребно е храна, облека, нови патеки за нејзиниот син, оти таа сама со сегашните примања не може да си дозволи и да му купи. Се е скапо вели, па затоа и финансиските средства кои ги примаат од нега и пензија не се доволни. Потребно е и купатило, ама нема услови за да се напарви. Вели за неа не бара ништо, доволно е подобар живот да има нејзиниот син.

„Се е скапо, јадење е скапо, хигиената е скапа, а гледаш го син ми, не може сам ниту да се истушира. Јас не можам да одам да му купам ниту облека, ниту патики. На син ми нека му помогнат, потребни му се патки, облека.“ – додава Витанова.

Апелира до хуманите граѓани, оние кои се во можност, како и до институциите, да и помогнат, со финансиски средства, храна или облека за неа и нејзиниот син, со цел и тие да можат нормално да го живеат месецот.

Лаура Стојанова М-Нет