ВЛЕН: Булеварот „Хасан Приштина“ не е откажан и ќе се гради

Откако замина во опозиција, на ДУИ ѝ се отворија очите. Дури сега ги гледа работите што самата ги остави недовршени. Како и многу други работи што ги оставија половично, така и булеварот „Хасан Приштина“ има цела хронологија на утки, изјави Астрит Илјази од ВЛЕН и додаде дека булеварот не е откажан и дека ќе се гради.

„Бидејќи излегоа пред јавноста и се обидоа да создадат впечаток дека оставиле готов булевар, а дека денес некој го укинува, ајде да ги погледнеме работите по ред. Во 2021 година, само еден месец пред локалните избори, проектот го промовираа со голема помпа. Имаше изјави, цртежи и ветувања. Булевар немаше. Во 2023 година објавија дека се издвојуваат дополнителни три милиони евра, со што требаше да се заокружи предвидената сума од шест милиони евра. Но, во истата објава признаа дека подготовките допрва почнуваат. Значи, проектот воопшто не бил подготвен. Дојде 2024 година, а сè уште се зборуваше за подготовка на документацијата. И понатаму го нарекуваа „обезбеден проект“, но на терен не беше изграден ниту еден метар од булеварот“, рече Илјази.

Тој вели дека Државниот завод за ревизија констатирал дека средствата наменети за инфраструктурните проекти останале неискористени. За трите булевари, додаде, меѓу кои и „Хасан Приштина“, воопшто не биле склучени договори за реализација.

„Да нема никаква дилема. Булеварот „Хасан Приштина“ не е откажан и ќе се гради. По завршувањето на делницата од Момин Поток до улицата „Словенечка“, изградбата ќе продолжи со булеварот „Хасан Приштина“ преку Визбегово. Ќе се оди чекор по чекор, но овојпат работите нема повторно да останат напола, како што ги остави ДУИ. На крајот, граѓаните ќе добијат функционално и модерно сообраќајно поврзување, а не уште еден проект што со години се ветува, но никогаш не се завршува“, рече Илјази.

Текстот ВЛЕН: Булеварот „Хасан Приштина“ не е откажан и ќе се гради е превземен од МАКФАКС.