ДОМ: За дата-центрите мора да има јасни правила, а не двосмислени изјави

Премиерот Мицкоски постојано ги повторува изјавите дека дата-центрите се „неповратен процес“ и дека преку нив ја води Македонија кон напредок и иднина. Но, напредокот не е само во тоа да се гради. Напредокот е да знаеме што градиме, каде градиме, по која цена за граѓаните и природата и какви ефекти ќе има тоа врз целокупниот квалитет на живот, велат од ДОМ преку соопштение.

„Ако навистина сакаме да гледаме што прави светот, тогаш треба да ја видиме и другата страна на приказната.

Токму во САД и Европа, државите и локалните власти сè почесто воведуваат мораториуми и ограничувања за вакви проекти поради огромната потрошувачка на струја и вода. Њујорк воведе едногодишен мораториум, Тексас го стопираше приклучувањето на нови дата-центри на мрежата, Амстердам воведе ограничувања за нови дата-центри и нивни проширувања до 2030 година, а Данска предлага дата-центрите да имаат најнизок приоритет за приклучување на електроенергетската мрежа.

ДОМ не е против дигитализацијата, високите технологии и инвестициите. Напротив. Но, не може Македонија да се натпреварува во привлекување дата-центри, а притоа прво да не одговори на основните прашања: од каде ќе дојде електричната енергија, колку вода ќе се троши, кој ќе ја финансира потребната инфраструктура и кој ќе ја плати цената доколку системот не може да го издржи товарот?

Затоа, наместо да се убедуваме дали „светот оди напред“, време е да разговараме како треба да изгледа одржливиот развој во Македонија.

ДОМ бара:

Независна анализа на влијанието врз електроенергетскиот систем и водните ресурси пред какво било одобрување;

Задолжителни ограничувања за потрошувачката на ресурси и обврска за користење обновлива енергија;

Забрана за градење во заштитени подрачја и региони со дефицит на вода;

Инвеститорите самите да ја финансираат потребната дополнителна инфраструктура;

Целосна транспарентност и учество на граѓаните и општините;

Итно воведување мораториум доколку анализите покажат неприфатливо оптоварување на електроенергетските и водните ресурси, како и неприфатливи влијанија од загревањето, бучавата и другите еколошки последици.

Македонија не треба слепо да ги следи трендовите во оваа област и да се фокусира само на економските интереси. Треба да ги следи и најдобрите практики во светот.

Ако САД и европските земји можат да кажат „стоп, прво да ги утврдиме капацитетите и правилата“, тогаш тоа мора да се применува и во Македонија.

Вистинскиот напредок бара одговорност. А за тоа неопходни се јасни правила и заштита на јавниот интерес“, се додава во соопштението.

Текстот ДОМ: За дата-центрите мора да има јасни правила, а не двосмислени изјави е превземен од МАКФАКС.